Германските нарачки кои се клучните индикатори за движењето на економијата во јуни се зголемија за 3,8%. Како што соопштија германските власти, растот на нарачките, по два месеци пад, претставува поттик за клучниот преработувачки сектор на најголемата европска економија, која се опоравува од проблемите од крајот на минатата година, предизвикани од кризата во еврозоната. Ова е одлична вест за Македонија, со оглед на фактот што Германија е еден од нашите најголеми трговски партнери. Растот на нарачките автоматски значи и зголемување на македонскиот извоз, а со тоа и конечно опоравување на македонската економија.
Германските нарачки кои се клучните индикатори за движењето на економијата во јуни се зголемија за 3,8%.
Како што соопштија германските власти, растот на нарачките, по два месеци пад, претставува поттик за клучниот преработувачки сектор на најголемата европска економија, која се опоравува од проблемите од крајот на минатата година, предизвикани од кризата во еврозоната.
Ова е одлична вест за Македонија, со оглед на фактот што Германија е еден од нашите најголеми трговски партнери. Растот на нарачките автоматски значи и зголемување на македонскиот извоз, а со тоа и конечно опоравување на македонската економија.
Според последните податоци за трговската размена во првите шест месеци извозот на стоки споредено со истиот период лани пораснал за 63 милиони долари. При што во првото полугодие извозот изнесува нешто над 2 милијарди долари, а во истиот период лани тој достигнал 1,93 милијарди долари. Од друга страна, додека извозот расте, увозот се намалува и во првите шест месеци е помал за 2,4 милиони долари.
Според податоците на Заводот за статистика, над 70% од македонскиот извоз се пласира на пазарите на земјите-членки на ЕУ, а околу 20% на балканските пазари. Во првите шест месеци Македонија најмногу тргувала со Германија, Грција, Велика Британија, Србија и Италија. Со овие пет земји е остварена 49,6% од вкупната надворешно-трговска размена.
Овие податоци покажуваат дека ќе се остварат владините проекции за раст на македонската економија, според кои се очекува раст на извозот и производството во втората половина на годината, како резултат на очекуваните подобри економски резултати во еврозоната.
Според министерот за финансии Зоран Ставрески, Македонија годинава ќе успее да го оствари предвидениот економски раст.
-Согласно остварените резултати во првиот квартал од годината, економската активност во ЕУ е на ниско ниво. Постепено заживување на економијата се очекува во втората половина од годината. Се уште има доста ризици, но се надеваме дека економската активност ќе оди во позитива и дека овој тренд што почна во Македонија во февруари со раст на индустриското производство, ќе продолжи, изјави Ставрески.
Според објаснувањето на Ставрески на последните пратенички прашања во Собранието, во првиот квартал од 2013 година, во услови кога европската економија беше во рецесија и забележа негативна стапка од 1,2 проценти, македонската економија оствари позитивен раст на БДП од 2,9% Тоа е четврто најдобро остварување во Европа.
Тоа што македонската економија оствари позитивен раст на БДП од 2,9% е добро остварување, дури и над владините проекции бидејќи се реализира во услови кога европската економија нема добри резултати. Тоа ни дава верба и охрабрување дека може да се очекува и во преостанатиот дел на годината да се остварат солидни резултати, потенцира Ставрески.
Светска банка и Европската комисија предвидуваат раст на македонската економија
Во својот најнов извештај Глобални економски перспективи", кој Светска банка го објавува два пати годишно се наведува дека Македонија е дел од групата земји за кои богатите европски држави се важна извозна дестинација, односно дека земјава има блиски трговски врски се некои од најпогодените држави од кризата во еврозоната.
Според проекциите на Светска банка, економскиот раст на земјава би требало да оди во нагорна линија, и да достигне 1,4%. На почеток се очекува растот да биде скромен, но постепено да забрзува во втората половина од годината со имплементирање на планот за јавни и странски директни инвестиции. СБ предвидува дека в година нашиот БДП ќе порасне за 2,5 %, додека, пак, во 2015 година растот се очекува да изнесува 3,5%.
Излегување од економската дупка на Македонија предвидува и Европската комисија. Во последниот извештај за растот на европската економија, Комисијата предвидува раст на македонскиот Бруто-домашен производ (БДП) за 1,5% во оваа и точно 2% за идната година. Со предвидениот раст според прогнозата на ЕК, Македонија покажува знаци на силна економска состојба и одржливост, што не може да се каже за самата ЕУ, за Еврозоната и поголем број од земјите-членки на големото европско друштво".
Германија прв трговски партнер на Македонија
Во надворешната трговска размена Германија е прв трговски партнер на Македонија во 2012 година. Од земјава најмногу во Германија се извезуваат катализаторите на носачи со благородни метали и нивната вредност достигнува 489,5 милиони американски долари, а потоа следуваат готови текстилни производи, облека и обувки во вредност од 381,5 милиони долари, како и прехранбени производи. Македонија, пак, од Германија увезува моторни возила за превоз на лица и стоки, друмски влекачи во вредност од 111,4 милиони американски долари, текстилни ткаенини, предива и материјали, лекови, козметика, но и прехранбени производи.
Во изминатиот период извозот на Македонија кон Германија е зголемен за околу 60%.